Објавен тендерот за реконструкција на улицата „Абас Емин“

Охрид, 6. февруари 2020 (ИНПРЕС) – Министерството за транспорт и врски го објави тендерот за изведба и реконструкција на линиски инфраструктурни објекти за фекална, атмосферска и водоводна мрежа на дел од улица „Абас Емин”.

Реконструкција на оваа улица која е „ноќна мора“ за возачите и пешаците се заговара веќе подолго време. Краен рок за доставување на понудите е 20-ти овој месец. Вредноста на оваа инвестиција е 26.088.000 денари.

На последната седница на совет беше дадена согласност и овластување за потпишување на договор и грант, во висина од 500.000 евра, согласно договорот за финансирање меѓу Македонија и Европската инвестициска банка, за давање согласност за измирување и пренасочување на средства од буџетската сметка на општината.

Градоначалникот Константин Георгиески на почетокот на декември минатата година истакна дека реконструкцијата на горниот слој на улицата е обврска на општината, за што ќе се користат средства од Светска банка обезбедени за Охрид во износ од 1.280.000 евра.

Во месец октомври лани се изврши санација на ударните дупки на улицата „Абас Емин“ која е од исклучително значење за граѓаните кои живеат во овој дел на градот, поради фактот што ги поврзува Булеварот „Туристичка“ со „Железничка“, двете најважни и најфреквентни улици во градот. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива