„Медена земја“ не освои Оскар, но горди сме на сè што постигна

Лос Анџелес, 10. февруари 2020 (ИНПРЕС) – Македонскиот документарец „Медена земја“ иако не успеа да ѝ го донесе првиот оскар на Македонија, сепак испиша историја во македонската и светската кинематографија.

„Медена земја“ со двете номинации, за најдобар документарец и за најдобар странски филм, во иста година за наградите на Академијата успеа да направи историски подвиг на Оскарите. И без статуетка во раце за тимот, „Медена земја“ стигна многу далеку.

Пораката која ја испрати филмот во светски рамки ќе одекнува уште долго, што говори за големината на овој филм. За животните лекции на нашата Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа пишуваа Франс прес, Гардијан, BBС, а според реакциите на социјалните мрежи „Атиџе е нашиот Оскар“.

Тимот на „Медена земја“ преку порака на Facebook им се заблагодари на сите што веруваа во филмот.

– И покрај тоа што „Медена земја“ не доби Оскар, сосема сме свесни за големината на овој филм, за значењето на пораката што ја пренесува, за силата на бескрајните приказни што се кријат во оваа земја и за многуте наши талентирани уметници кои знаат како тие приказни да ѝ ги покажат на публиката. Кога го промовиравме филмот на фестивалот „Санденс“, пред повеќе од една година, не се ни надевавме дека ќе стигнеме толку далеку. Им се заблагодаруваме на сите што веруваа во нашиот мал филм и нè поддржуваа, а особено му се заблагодаруваме на дистрибутерот „Неон“ за вербата во моќта на кинематографијата и во смелото раскажување приказни. На крај, би сакале да ѝ се заблагодариме на нашата водечка ѕвезда, Атиџе Муртова што ни дозволи да влеземе во нејзиниот прекрасен свет. Филозофијата на Атиџе ‒ земи половина, остави половина ‒ е едноставна, но длабока. Тоа е порака во којашто може да се пронајде секоја публика. Горди сме што сме гласниците на таа порака, напишаа авторите на „Медена земја“.

Во објавата ја пренесоа и пораката што од Лос Анџелес ја упати главната протагонистка на документарецот, Атиџе Муртова:

‒ Мојот живот по снимањето на филмот драстично се промени. Сега имам нова куќа, и сѐ станува подобро и подобро. Сакам публиката да извлече само една порака од филмот: како што јас споделувам со своите пчели, така сакам и сите луѓе да споделуваат едни со други, вели Атиџе.

Во категоријата документарен филм Оскарот го доби „Американска фабрика“, а за најдобар интернационален филм беше прогласен јужнокорејскиот „Паразит“ кој освои вкупно четири златни статуетки.

За утре од 09:00 часот во кино „Фросина“ во Младинскиот културен центар, Скопје е закажана онлајн прес-конференција со тимот на „Медена земја“. (Крај)

извор: ИнПрес фото: FB