Елмас и Наполи со предност на „Меаца“ во полуфиналето од Копа Италија (видео)

Милано , 13. февруари 2020 (ИНПРЕС) – Наполи со 1:0 го совлада Интер на „Џузепе Меаца“ во првиот меч од полуфиналето на Италијанскиот куп, со што пред реваншот на 5. март тимот на Џенаро Гатузо е голем фаворит за борба за трофејот.

Во второто полуфинале играат Јувентус и Милан, а првиот меч се игра вечерва.

Со македонскиот репрезентативец Елиф Елмас како стартер на местото на повредениот Лоренцо Инсиње, тимот на Наполи имаше повеќе шанси во првото полувреме, двапати преку Дрис Мертенс, но опасно беше и нафрлањето на Елмас, кое беше спасено од голманот Даниеле Падели.

Наградата за подобрата игра дојде во 57. минута, кога Фабијан Руиз од работ на шестнаесетникот упати прекрасен удар кој Падели не можеше да го фати.

извор: Топспорт фото: архива