„Медена земја“ вечерва и утревечер во охридското кино

Охрид, 14. февруари 2020 (ИНПРЕС) – Поради зголемениот интерес, филмот „Медена земја“ вечерва и утревечер повторно ќе се прикажува на кино репертоарот во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид.

Проекциите се од 20.00 часот, а цената на билетите е 100 денари.

Иако не успеа да ѝ го донесе првиот оскар на Македонија, прказната за нашата Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа испиша историја во македонската и светската кинематографија.

„Земи половина од медот, половина остави за пчелите“

По ова правило за баланс со природата се води Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во централна Македонија. Но, кога во нејзиното соседство ќе се досели номадско семејство-пчелари, таа се соочува со сериозен предизвик, да ги спаси пчелите и да ја зачува природната рамнотежа на земјата. Ако еден го прекрши правилото, сите ја плаќаат цената.

Филмот трае 85 минути, а режисери се Љубо Стефанов и Тамара Котевска. Сниматели се Фејми Даут и Самир Љума, а продуцент и монтажер е Атанас Георгиев. Музиката ја напиша групата „Фолтин“, а главни протагонисти се: Атиџе Муратова, Назифе Муратова, Хусеин Сам, Љутвие Сам, Музафер Сам. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива