Старите охридски тајфи дел од филмот „Македонска чалгиска традиција“

Велес, 14. февруари 2020 (ИНПРЕС) – Во Ликовниот салон во Велес во 18 часот ќе биде промовиран филмот „Македонска чалгиска традиција“.

Филмот ги следи историјата и почетоците на чалгијата од Цариград (Истанбул) до нашата земја во текот на еден век. Ја следи историјата на старите македонски музички групи (тајфи) основани во Скопје, Охрид, Велес, Кавадарци, Битола, но исто така и турската класична музика, преку академски професори од Турција. Во филмот се користат стари архивски снимки од изведбите на бардовите на овој вид музика, што носи на површина важен сегмент од македонските музички традиции за идните генерации.

Филмот го следи развојот на чалгијата во нашата држава, западните влијанија, резултатите од оваа синтеза и секако, нејзиното појавување во денешниот контекст, преку интервјуа со македонски музичари, но и светски познати уметници како Кудси Ерѓунер, Омар Фарук Текбилек, Ѓунај Челик, Симон Шахин и други.

Според музиколозите одлика на македонската чалгија е космополитскиот дух. Чалгиите во нашата земја, секогаш биле етнички мешан состав – Македонци, Роми, Турци заедно свиреле на сите веселби и разни случувања, не само на македонски, туку и на ромски, албански, турски, еврејски, влашки, грчки…

Притоа инструментариумот бил ист, но не ги мешале стиловите, па репертоарот го приспособувале според тоа каде свиреле. (Крај)

извор: МИА фото: МИА