Македонско еколошко друштво: Климатските промени сериозно се отсликуваат во Преспанското Езеро

Скопје, 25. февруари 2020 (ИНПРЕС) – Последната долга суша е одговорна за досега најголемото опаѓање на нивото на водата на Преспанското Езеро, информираат од Македонското еколошко друштво (МЕД).

Тоа укажува дека во споредба со ефектот на климатските промени, истекот во Охридското Езеро и употребата на водата за наводнување од Преспанското Езеро незначително допринесуваат кон намалувањето на неговото ниво (на ова укажуваат податоците за нивото на езерото мерени од УХМР од 1951-2004 година).

No photo description available.

– Сметаме дека ефектите од климатските промени за жал во иднина ќе бидат се повидливи во нашата земја особено на водните и влажните живеалишта. Затоа одговорноста треба да ја бараме во сите нас. Да размислуваме за нашите секојдневни активности и да покажеме свесност дека ниту една акција не поминува без реакција. Односно, нашето неодговорно однесување денес (од неодговорно одлагање на смет, па се до уништување на мочуриштата и другите влажни живеалишта кои сепак сè уште некако го одржуваат езерото живо) порано или подоцна ќе биде платено со висока цена. Во овој случај со многу скратена и блага пролет и сушни, долги лета, полни со непопустлива жега на која не е навикнато нашето Преспанско Езеро, изјави Драган Арсовски, претставник на подрачната канцеларија на МЕД од Ресен.

Поради повеќе граѓански иницијативи и новинарски написи во изминатиов период во врска со поразителното ниво на Преспанското езеро сметаме дека е важно да се изнесат во јавноста одредени факти во врска со нивото на водата на Преспанското езеро во последните педесетина години достапни во извештајот „Проценка на ефектот на климатските промени врз ранливоста на живеалиштата со цел да се воспостави управување на влажните станишта со цел митигација на климатски промени“ изработен од Националната опсерваторија на Атина (НОА).

Годишните промени во нивото на водата на Преспанското Езеро се директен резултат, најпрвин на комплексната геолошка постава на регионот а потоа и на следните фактори: Дотокот на вода од реките и подземните води, количеството на врнежи, степенот на испарување од езерото, искористената вода за наводнување и карстниот истек на водата низ планината Галичица во Охридското Езеро. Првите три фактори ги отсликуваат просечните климатски услови во водниот слив на езерото, бидејќи сите речни текови и подземните води се полнат од врнежите во езерскиот басен, односно во неговиот стрмен воден слив и како такви имаат голем удел врз количината на вода во Преспанското Езеро, се наведува во извештајот на НОА.

Историски гледано од кога се мери нивото на Преспанското Езеро од страна на Управата за хидрометеоролошки работи од 1951 година нивото на водата е во постојан пад, со изразено опаѓање од 1987-1995 година. До сега се покажало дека значителни зголемувања и намалувања на волуменот на езерото се главно резултат на кумулативната преципитација (град, дожд или снег) за време на т.н. „влажна сезона” (октомври до март), на пример при нејзино зголемување во 1962-63 (>415mm), односно при големите суши (<415mm), на пример 1974-78 и 1987-95. Од друга страна пак, езерската вода е искористувана директно за наводнување, како и преку бунари во трите држави уште од 50-тите години на минатиот век. Двата начини имаат директен негативен ефект на нивото на езерото и се во голема мера одговорни за неговото долгорочно намалување од седумдесеттите години до 2004 година. Опсервираниот волумен на карстен истек низ Галичица, пак е стабилен независно од нивото на езерската вода и како таков не допринел значително кон интензивното намалување на езерото, се вели во горенаведениот извештај.

Нивото на водата и преципитацијата во регионот од 2004 година до денес се мониторира од Управата за хидрометеоролошки работи и истите би можеле да бидат извор за моделирање на историското варирање на нивото на Преспанското Езеро и неговото предвидување во иднина. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива